Шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ ќе се состанат утре преку видеоконференција за повторен обид да изнајдат компромис околу одговорот на економската и социјалната криза која произлезе од пандемијата со коронавирусот.
Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, ги повика лидерите утре да дадат зелено светло на предлогот на министрите за финансии за пакет од 540 милијарди евра и серија заштитни механизми за спас на приватните компании и на работниците, за тие да бидат функционални до први јуни годинава.
На оваа тема се очекува договор.
Но, главниот камен на сопнување за земјите членки на ЕУ е прашањето околу Фондот за закрепнување.
Мишел бара од лидерите на утрешниот самит да го одобрат овој предлог и да обезбедат доволно средства за овој фонд.
За оваа цел, предлагам да ја задолжиме Европската Комисија да ги анализира точните потреби и да даде предлог прилагоден на предизвикот со кој се соочуваме, стои во писмото на Шарл Мишел до 27-те лидери на ЕУ.
Конкретно, земјите членки треба да се договорат не само за износот на овој фонд туку и за неговата поврзаност со повеќегодишниот буџет на Унијата, кој сѐ уште не е изгласан.
На вчерашното сослушување пред Европскиот Парламент, претседателот на Еврогрупата Марио Сентено, посочи дека Фондот за закрепнување, чија цел е да се рестартира европската економија, треба да биде одвоен од преговорите за буџетот на ЕУ 2021-2027.
Тој побара од ЕУ да се покаже креативна и иновативна во изнаоѓањето “свежи пари“, и дека со оглед на итната потреба да се воспостави овој фонд, земјите членки не можат да си дозволат повторување на макотрпните буџетски преговори. Тој предупреди и дека доколку не се постигне договор, одредени земји на ЕУ ќе се соочат со толку големо задолжување што целта еврозона ќе се најде во опасност, слично како со грчката криза.
Земјите членки на ЕУ се поделени на оние кои бараат заедничко споделување на долговите, на пример во облик на еврообврзници, и оние кои остро се противат на било каков чекор од тој тип. Во последната група спаѓа Германија, која во последните денови сепак покажува знаци на омекнување на ставовите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.