Агенцијата за бегалци на ООН (УНХЦР) изрази силно спротивставување на законот усвоен од данскиот Парламент со кој треба да се дозволи процесирање на апликациите на барателите на азил надвор од Европа, нарекувајќи го „откажување“ од сопствената одговорност според меѓународното право.

Данска во четвртокот усвои закон со кој ќе се дозволува барателите на азил да бидат сместени во трети земји, надвор од ЕУ, додека им бидат опбработени апликациите за азил, со што предизвика гнев кај поборниците за човекови права и Европската комисија.

Филипо Гранди, висок комесар на ООН за бегалци, во писмена изјава наведува дека доколку се спроведе законот, барателите на азил може да бидат присилно преместени и да се отфрли одговорноста на Данска за заштита на најранливите бегалци.

УНХЦР силно се спротивставува на напорите азилот и меѓународните заштитни обврски да се екстернизираат во други земји – изјави Гранди.

Според него, УНХЦР постојано изразува загриженост и приговори на предлогот на данската Влада и нуди совети и прагматични алтернативи.

УНХЦР ќе продолжи да разговара со Данска, која останува вреден и долгогодишен партнер на УНХЦР, со цел да се најдат практични решенија што ќе ја обезбедат довербата на данскиот народ и ќе ги поддржат меѓународните обврски на Данска“, рече Гранди.

Данска веќе има една од најстрогите европски позиции за имиграцијата и прифаќа бегалци само според системот на квоти на ООН.

Новиот закон ќе и овозможи на Данска да ги префрли бегалците кои пристигнуваат на нејзина територија во центрите за азил во партнерска земја каде што треба да бидат обработени нивните апликации и тие треба да добијат заштита во таа земја.

Данска допрва треба да се договори со земјата-партнер, но се вели дека веќе преговара со неколку земји-кандидати.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.