Унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата владеачка партија Фидес денеска целосно ги прекинаа врските со Европската народна партија (ЕПП), чекор што се доживува како формалност по долгогодишните расправии околу основните вредности на Европската унија и владеењето на правото, јави ДПА.

Во писмото, објавено на Твитер од потпретседателот на унгарската владеjачка партија, Каталин Новак, се вели дека Фидес повеќе не сака да биде членка на Европската народна партија и дека ќе излезе од конзервативното политичко семејство.

„Време е да се збогуваме“, напиша Новак, пренесоа американските медиуми.

Претседателот на Европската народна партија, Доналд Туск, веднаш одговори: “Фидес ја напушти христијанската демократија. Всушност, тој замина пред многу години”.

ЕПП потврди дека Фидес испратила писмо со кое го прекинува своето членство во групата на паневропските партиите на десниот центар.

Членството на Фидес веќе беше во мирување од март 2019 година, а нејзините 12 пратеници во ЕУ ја напуштија делегацијата на ЕПП на почетокот на овој месец, што беше прашање на време додека не пристигна писмото.

Кавгите меѓу раководството на ЕПП и Фидес се провлекуваа со години, а  беа интензивирани со навредите упатени кон членот на ЕПП и поранешен претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

Политиката на Орбан, вклучувајќи ги и рестриктивните закони за азил и регулативата што се занимава со невладини организации, се повеќе ја спротивставуваа неговата конзервативна влада против колегите од ЕПП, како и на Европската комисија во Брисел.

На почетокот на овој месец Орбан напиша дека „новата европска десница, предвидена од него, ќе понуди дом за сите европски граѓани кои не сакаат мигранти, мултикултурализам, кои не се зависни од ЛГБТ манијата, кои ги штитат христијанските традиции и го почитуваат националниот суверенитет“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.