Амбасадорот на Украина е повикан на разговор во Министерството за надворешни работи на Унгарија во врска со постапките на Киев во однос на договорот што Будимпешта го склучи со руската државна корпорација „Газпром“.

Дејствата на украинската Влада против овој договор преку Европската комисија се крајно безобразни. Украина не е никако засегната и нема никаква врска со она за што преговараме – се наведува во изјава на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, објавена на неговата Фејсбук страница.

Сијарто нагласува дека Будимпешта ги доживува таквите потези на Киев како „кршење на суверенитетот (на Унгарија) и интересите на нејзината национална безбедност“.

Унгарскиот шеф на дипломатијата го нарече потегот на Киев „непријателски“, истакнувајќи голем број мерки за поддршка што Унгарија претходно и ги пружила на Украина, вклучително и обезбедување апарати за дишење, медицинска опрема, воена помош, детска рекреација и финансирање инвестиции.

Унгарија вчера потпиша нов долгорочен договор за снабдување со гас со „Газпром“, заобиколувајќи ја Украина. Документот го потпишаа челниците на „Газпром“ и енергетската компанија „МВМ“ во Министерството за надворешни работи на Унгарија.

Украина ги откажа состаноците на меѓувладината комисија пред потпишувањето на договорот меѓу Унгарија и Русија.

Унгарија од 1 октомври ќе почне да прима гас од „Газпром“ преку Турски поток, кој минува низ Бугарија и Србија, како и преку гасоводи во Југоисточна Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.