Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за време на заедничката прес-конференција со германската канцеларка Ангела Меркел, порача дека руско-германскиот гасовод „Северен поток 2“ е „опасно геополитичко оружје на Кремљ“.

Гасоводот, кој е во заврна фаза, директно ќе ги поврзе Русија и Германија, одземајќи и на Украина најмалку 1,5 милијарди долари годишно, колку што сега добива за транзит на рускиот гас преку нејзина територија.

Ние го доведуваме во прашање овој проект исклучиво во однос на безбедноста и го сметаме за опасно геополитичко оружје на Кремљ. Никој не може да негира дека Украина ќе биде изложена на најголеми ризици поради завршувањето на „Северен поток 2“ – изјави Зеленски.

Меркел се обиде уште еднаш да го увери Киев дека Москва нема да го искористи гасоводот за да ја ослаби Украина велејќи дека е постигнат договор со САД, за Москва да го продолжи договорот за транзит на гас преку Украина и по 2024 година.

Се согласуваме со Американците дека гасот не треба да се користи како геополитичко оружје и дека на крајот ќе биде во функција на продолжување на договорот. Колку побрзо тоа се случи, толку подобро – изјави Меркел.

Таа потенцира дека ја разбира „големата загриженост“ на претседателот Зеленски, истакнувајќи дека Берлин има „посебна одговорност“ во врска со тоа.

Германско-американскиот договор дозволува воведување санкции доколку (гасот) се користи како оружје – изјави Меркел.

Ангела Меркел рече дека овие ветувања ќе бидат „обврзувачки и за идните германски влади“, бидејќи таа се подготвува да замине од функцијата по 16 години на власт.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.