Прелиминарната истрага на филипинската Влада утврдила дека 154 полицајци би можеле да бидат кривично гонети за дела кои ги извршиле за време на борбата на претседателот Родриго Дутерте против дрогата.

Откритијата, објавени од секретарот на Министерството за правда, Менардо Гевара, доаѓаат неколку недели откако Меѓународниот кривичен суд ја одобри истрагата за убиствата на илјадници дилери на дрога, откако Дутерте ја презеде функцијата во 2016 година.

Владата наведе дека нема да соработува со меѓународни судски органи бидејќи Филипините имаат функционален правен систем.

Некои активисти за човекови права, сепак, велат дека имало систематско прикривање и погубување на илјадници зависници и дилери кои не биле кривично гонети.

Полицијата негираше дека направила нешто незаконско, нагласувајќи дека убивала во самоодбрана.

Гевара истакна дека полицијата и судството разгледале 52 случаја, каде осомничените се убиени во, како што наведе полицијата, операции против дрога, и тие случаи ќе им бидат предадени на државните истражители за понатамошна постапка.

Тој додаде дека ќе бидат разгледани уште над 100 случаи.

Западните медиуми објавија дека официјално се убиени 6.200 лица осомничени за трговија со дрога во акции во кои осомничените се спротивставиле на апсењето.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.