Откако Кина побара од Британија „строго да ги казни“ одговорните за смртта на тие луѓе, британската полиција која ја истражува смртта на 39-те луѓе, кинески државјани, кои неделава беа најдени мртви во камион во близина на Лондон објави дека уапсила маж и жена, двајцата на возраст од 38 години, во Ворингтон на северозападот на Англија, под сомнеж дека учествувале во заговор за шверцување луѓе и дека се вмешани во 39 убиства.
25-годишниот возач на камионот, со потекло од Северна Ирска, е во притвор и исто така осомничен за убиствата.
Во понеделникот почна обдукција на телата, а се работи и на нивна идентификација, што ќе потрае.
Вчера и денес полицијата спроведува претреси на куќи во градот на камионџијата во Северна Ирска. Полицијата претходно денес соопшти и дека истражува три члена на банда вмешана во шверц на луѓе.
Дали двајцата уапсени се дел од таа банда сѐ уште не се знае, бидејќи полицијата ги објави само нивните возраст и пол.
Бугарските медиуми, пак, јавија дека 38-годишната Џоана Махер од Ворингтон, е сопственичка на камионот „сканија“ кој е во центарот на истрагата.
Таа и нејзиниот сопруг Томас, кој исто така има 38 години, им кажаа на медиумите дека биле сопственици на камионот но дека го продале на една компанија пред 13 месеци.
Набрзо потоа полицијата соопшти дека се уапсени двајца 38-годишници од истото место. Не е потврдено дали станува збор за истите лица.
Вчера беше објавено дека жртвите се Кинези и дека меѓу нив има 8 жени и 31 маж. Станува збор за 38 возрасни лица и еден тинејџер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.