Сибирски шаман кој пешки тргнал до Москва за да го истера ѓаволот од претседателот Владимир Путин е уапсен од руската полиција.

Полицијата на Бурјатија, руска република во источен Сибир, објави дека синоќа го уапсила шаманот Александр Габишев на автопат во близина на Бајкалското Езеро. Вратен е во родната Јакутија, каде го бараат за извршено злосторство, јави полицијата.

Александр Габишев тргнал во март пешки низ најголемата земја во светот и планирал во 2021 да стигне во Москва. Желбата му била, кога ќе дојде во престолнината, да го истера ѓаволот од Путин.

Во последните недели на патувањето долго 5.000 километри меѓу Јакутск и Москва му се придружила мала група следбеници, уверени во неговите изјави за рускиот претседател или пак од забава. За шаманот се снимени неколку репортажи објавени на руските телевизии, па имаше проблеми со локалните власти.

Алексеј Навални, главниот противник на Кремљ, се шегуваше во последните денови со реакцијата на власта: „Путин се плаши, се тресе и вика: „Боже мој, спаси ме од шаманот. Што ако навистина го истера ѓаволот?“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.