Американскиот претседател Доналд Трамп остро ги нападна своите европски сојузници, како поради долговите во НАТО, така и поради Северен тек 2.
Од Германија веќе со години изостануваат уплатите и тие му должат на НАТО милијарда долари. Тоа мора да го платат – изјави американскиот претседател Доналд Трамп и порача дека тие пари константно морале да ги надоместуваат Американците.
Трамп веќе во неколку наврати го изрази своето незадоволство од тоа што Германија не ги исполнува своите обврски и не издвојува 2% од БДП за одбраната. Имено, целта на НАТО е до 2024-та година сите земји да издвојат по 2% од својот БДП за одбранта, а иако Германија ги зголеми трошоците во оваа област, минатата година беше на само 1,38% од својот БДП.
Поради тоа, Трамп одлучи и да го намали бројот на американски војници кои се распоредени во Германија на 25 илјади, а според него, тоа ќе донесе негативни последици по германската економија.
Тоа се добро платени војници. Тие живеат во Германија, трошат многу пари во таа земја – изјави Трамп.
Американскиот претседател се осврна и на, според него, некоректното однесување на Германија во трговијата: Преговараме со нив, но моментално не сум задоволен со договорот кој сакаат да го постигнат!
Трамп не ја пропушти приликата да ги критикува Германците и поради гасоводот Северен тек 2.
Зошто Германија на Русија ѝ плаќа милијарди долари за енергија? И тогаш треба да ја штитиме Германија од Русија? Како би можело тоа да функционира? Тоа не може да функционира – порача Трамп.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.