Американските војници го убија и лицето кое најверојатно ќе го наследеше Абу Бакр ал-Багдади како лидер на Исламската држава, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.

Штотуку е потврдено дека американските војници ја убија првата замена на Абу Бакр ал-Багдади. Тој најверојатно ќе го заземеше првото место. Сега и тој е мртов! – наведе Трамп на Твитер.

Трамп не прецизираше на кого мисли, но Соединетите Американски Држави во понеделникот потврдија дека е убиен портпарол на Исламската држава, Абу ал-Хасан ал-Мухаџир, кој е сметан за втор човек на таа екстремистичка организација, пренесе Ројтерс.

Курдските сили во Сирија во неделата објавија дека Мухаџир е убиен во заедничка акција на курдските и американските трупи во северна Сирија и дека е ликвидиран во продолжението на операцијата во која претходно загина лидерот на Исламската држава, Абу Бакр ал-Багдади.

Курдските сили соопштија дека Мухаџир бил „десна рака“ на лидерот на Исламската држава, Багдади.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.