Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го повика својот наследник Џо Бајден да поднесе оставка поради ситуацијата во Авганистан.

Време е Џо Бајден да поднесе оставка поради ова што се случува во Авганистан. Тоа не би требало да биде голема работа со оглед на тоа што тој не беше легитимно избран – изјави Трамп, критикувајќи го Бајден за ситуацијата во Авганистан, но и за порастот на случаи на корона вирус во САД, имигрантската, економската и енергетската политика.

Трамп тврди дека повлекувањето од Авганистан би било многу поразлично и многу поуспешно доколку тој беше претседател.

Ова ќе биде запаметено во историјата како еден од најголемите порази во американската историја – изјави Трамп.

Бајден викендов ја бранеше својата одлука да ги повлече американските војници, велејќи дека американското присуство во Авганистан во последните 20 години не е прифатливо.

 Уште една година или уште пет години американско воено присуство нема да направи разлика. Бескрајното американско присуство среде граѓански конфликт во друга земја не беше прифатливо за мене – изјави Бајден.

Талибанците вчера влегоа во Кабул и ја окупираа претседателската палата, откако претседателот избега во странство.

Портпаролот на Талибанците Мохамед Наим изјави дека војната во Авганистан е завршена, дека сакаат да имаат односи со меѓународната заедница и оти сакаат тоа да го постигнат преку дијалог.

Го постигнавме она што го сакавме, а тоа е слободата на нашата земја и независноста на нашиот народ. Подготвени сме да разговараме со сите фактори во земјата и да им ја гарантираме потребната заштита – изјави Наим, додавајќи дека Талибанците ги почитуваат правата на жените и малцинствата и слободата на изразување во рамките на шеријатското право.

Повеќето странски дипломати беа евакуирани веднаш, а на аеродромот во Кабул владее хаос. Илјадници Авганистанци очајнички се обидуваат да избегаат од земјата која сега е под власт на Талибанците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.