Американскиот претседател Доналд Трамп еден ден откако Техеран соопшти дека го надмина договореното ниво на резерви збогатен ураниум, изјави дека Иран „си игра со оган“.
Тој додаде дека нема што да изјави за последната одлука на Иран.
Немам порака за Иран. Знаат што прават… Мислам дека си играат со оган, посочи Трамп.
Белата куќа и претходно реагираше на иранската најава за надминување на договореното ниво на збогатен ураниум истакнувајќи оти „САД и нивните сојузници никогаш нема да дозволат Иран да развие нуклеарно оружје“.
Иран вчера соопшти дека ја надмина границата на резерви на збогатен ураниум договорена со мултилатералниот договор во 2015 година. Тоа е прво отстапување од договореното од страна на Техеран откако САД минатата година еднострано се повлекоа од договорот.
Власта во оваа земја се закани и дека на 7 јули ќе го зголеми збогатувањето на ураниум до ниво доволно за изработка на нуклеарно оружје.
Шефот на иранската дипломатија Мохамед Џавад Зариф вчера потврди дека Иран го надмина ограничувањето од 300 килограми збогатен ураниум.
Иран, со Договорот што во 2015 година го потпиша со САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија, се обврза да ја ограничи активноста за збогатување на ураниум, а за возврат му беше ветено укинување на меѓународните санкции.
Трамп минатата година еднострано ги повлече САД од Договорот и воведе дополнителни санкции кон Иран. Официјален Техеран побара од останатите земји потписнички на Договорот да го заштитат Иран од американските санкции, а во спротивно најави дека нема да се придржува до спогодбата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.