Властите на американската сојузна држава Тексас најавија дека доколку болниците се преполнат, приоритет за лекување ќе им се дава на вакцинираните лица.

Ако во северен Тексас почне да снемува кревети за интензивна нега, лекарите можеби ќе треба да го земат предвид статусот на вакцинација против корона вирусот како фактор во одлучувањето кој ќе се лекува во болница – е ставот на властите на Тексас, објави „Форбс“.

Здравствените власти се надеваат дека ќе избегнат ситуација во која ќе треба да им дадат приоритет на вакцинираните, но „Форбс“ информира дека постои загриженост дека тоа станува се поверојатно.

Логиката по која се водат лекарите е претпоставката дека вакцинираните луѓе се со поголема веројатност да преживеат, што значи дека ако им се даде ним приоритет, се спасуваат повеќе животи – пишува „Форбс“.

Во меѓувреме, главниот медицински советник на Белата куќа, Ентони Фаучи изјави дека Ковид-19 во САД би можел да биде ставен под контрола на почетокот од следната година.

Еден ден откако Американската Агенција за храна и лекови ((ФДА) ги одобри вакцините на „Фајзер/Бионтек“, Фаучи наведе дека со тоа е создадена можност за имунизација на што поголем број луѓе. Тој изрази надеж дека ФДА ќе одобри вакцинација и на децата против Ковид-19.

Американскиот секретар за одбрана, пак, Лојд Остин, изјави дека веднаш мора да почне вакцинација против корона вирус на сите припадници на армијата. Според податоците на Пентагон, повеќе од 800.000 војници треба да бидат вакцинирани. Остин наредил вакцинацијата да се спроведе брзо и да заврши за неколку недели, а не месеци.

Американскиот претседател Џо Бајден пред некој ден повика приватните компании да бараат од своите вработени да бидат вакцинирани. Дизниленд исто така воведе задолжителна вакцинација за своите вработени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.