Само пет дена по падот на Кабул и прозападната авганистанска Влада талибанците вчера и официјално го прогласија формирањето на Исламски Емират Авганистан и го сменија државното знаме, со што го реинсталираа системот на владеење практикуван од нив во времето на првата талибанска власт од 1996 до 2001 година.

Авганистан ќе има врховен лидер и талибански совет, а се враќа и примена на шеријатското право. Оваа одлука е денесена од раководството на талибанското ,движење иако сите релевантни меѓународни организации побараа од нив да дозволат земјата да ја предводи инклузивна влада, во која ќе бидат застапени сите племиња, партии и социјални групи, а Советот за безбедност на Обединетите нации дури  јасно и гласно нотираше и побара жените да бидат застапени во институциите, девојчињата да имаат право на образование, а медиумите на слободно информирање.

Талибанците во изминатите денови, повеќе како про-форма, оддржаа неколку средби со истакнати авганистански лидери, па затоа денешната одлука за формирање на емиратот се сфаќа како нивно натамошно цврсто играње на верскиот и религиозен елемент.

Старо-новиот начин на делување на талибанците веќе изроди серија инциденти низ земјата, а непотрдените информации говорат и за повеќе загинати и повредени во судирите меѓу незадоволното локално население и талибанците. Неколку лица се убиени во градорт Асадабад откако талибанците отвориле оган кон луѓето кои го вееле националното знаме по повод Денот на независноста, а сличен инцидент имало и во Џалалабад, при што три лица загинале, а десетина се повредени.

Ситуацијата е најзапаллива во долината  Панџшир, каде е кренат бунт од досегашниот вицепремиер на падната авганистанска влада, Амрула Салех, и синот на починатиот командант Ахмад Масуд, кои успеале под своја команда да стават десетина илјади војници.

-Талибанците не ја контролираат целата територија на Авганистан. Добиваме информации за ситуацијата во долината Панџшир. Таму се концентрирани силите на движењето на отпорот на потпретседателот Салех и на Ахмад Масуд, изјави на прес конференција во Москва шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Во колумна што вчера беше објавена во „Вашингтон пост“ Масуд тврди дека во Панџшир му се придружиле војници на авганистанската армија „згрозени од предавањето на нивните команданти“, како и поранешните припадници на авганистанските специјални сили. -Но, нам ни треба повеќе оружје, повеќе муниција, повеќе опрема, рече Масуд, уверувајќи дека талибанците претставуваат закана и надвор од Авганистан.

По падот на прозападната влада, во неделата, земјата влегува во крајно неизвесна иднина и се соочува со невидена безбедносна и хуманитарна криза, во која илјадници Авганистанци, заедно со дипломатите и странците, се обидуваат да ја напуштат земјата, преку единствениот можен излез во моментов- аеродромот во Кабул. Американцитер наведуваат дека досега за пет дена евекуирале 7.000 лица, а проценките на релевантните агенции се дека во моментов најмалку 16 до 18 милиони Авганистанци се соочуваат со глад, а на светот сега му се заканува и бегалски бран.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.