Талибанците ја презеле контролата врз уште еден провинциски главен град во Авганистан.

Според Мохамад Нор Рахмани, шеф на советот на северната провинција Сар-е Пул, Талибанците го зазеле главниот град на таа провинција по повеќе од една недела отпор на авганистанските безбедносни сили. Сега градот Сар-е Пул е под талибанска контрола.

Владините сили сега целосно се повлекоа од провинцијата. Неколку провладини команданти од локалната полиција им се предадоа на Талибанците без борба, што им овозможи на бунтовниците да ја преземат контролата врз целата провинција – истакна Рахмани.

Градот Сар-е Пул е четвртиот главен град на некоја провинција што премина во талибаснки раце, откако три други провинциски престолнини се најдоа под нивна целосна контрола: Заранџ, главниот град на западната провинција Нимроз, Шиберхан, главен град на северната провинција Џаузџин и Талекан, главниот град на втората северна истоимена провинција.

Талибанците, исто така, се на праг да ја преземат контролата и врз градот Кундуз, главниот град на истоимената провинција. Заземањето на тој град ќе биде значајна победа за Талибанците и тест за нивната способност да окупираат и задржат територија согласно нивната кампања за борба против владата, поддржана од Западот.

Кундуз е еден од најголемите градови во земјата со повеќе од 340.000 жители и беше клучно подрачје кое западните трупи со години го бранеа од преземањето на Талибанците.

Офанзивата на талибанските бунтовници низ земјата се интензивираше летово откако американските и НАТО трупите почнаа да го спроведуваат повлекувањето од Авганистан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.