Талибанците го зазедоа градот Мазар-и-Шариф, што беше последното упориште на авганистанската влада на север во државата.

Со новиот воен успех, талибанците силно го стегаат обрачот околу главниот град Кабул.

шеф на советот на провинцијата Балк, Афзал Хадид, изјави дека се чини оти градот паднал без борба.

Војниците ја оставиле својата опрема и се упатиле кон границата со Узбекистан – изјави Хадид.

Со повлекувањето на американските сили и сојузниците, талибанците брзо напредуваат веќе неколку недели. Оваа радикална исламистичка група го освои поголемиот дел од Авганистан и се приближува до главниот град Кабул каде што десетици илјади луѓе од други делови на земјата најдоа засолниште.

Во меѓувреме, американските сили пристигнуваат во Кабул за да помогнат во евакуацијата на персоналот на амбасадата, а британските војници пристигнуваат во текот на викендов.

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани повика на понатамошна мобилизација на вооружените сили и посочи дека во тек се „консултации“ за брзо изнаоѓање политичко решение што гарантира „мир и стабилност“ во Авганистан.

Понатамошната мобилизација на нашите безбедносни и одбранбени сили е наш приоритет број еден и се преземаат сериозни мерки во овој поглед – порача Гани во краткото телевизиско обраќање до нацијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.