Предвидувањата на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека Африка ќе успее да вакцинира 70 проценти од своето население дури до август 2024 година. Затоа од СЗО побараа да се забрза кампањата за вакцинација, која значи „спасување на многу животи“.

Од регионалната канцеларија на СЗО за Африка, потсетуваат дека прагот од 70 проценти се смета за клучен за контрола на пандемијата.

Сепак, до 13 декември, само дваесет африкански земји имаат вакцинирано по барем 10 проценти од своето население, само шест достигнале 40 проценти и две (Маурициус и Сејшели) 70 проценти.

Со оваа динамика, СЗО проценува дека ќе треба да се чека до мај 2022 година за Африка да има 40 отсто вакцинирани и до август 2024 година за да достигне 70 отсто. Но, можеме да спасиме уште многу животи ако го забрзаме темпото на вакцинација на почетокот на 2022 година – изјави  регионалната директорка на Африканската канцеларија на СЗО, Матшидисо Моети.

СЗО-Африка, додава дека минатата недела бројот на новозаразени со Ковид-19 скокнал за 83 отсто, што може да се припише на новата варијанта омикрон, која првпат беше откриена на 24 ноември во Јужноафриканската република.

Од СЗО предупредуваат дека бројот на новозаразени се удвојува на секои пет дена, што е најбрзо темпо од почетокот на годината, но додаваат дека сепак има „помалку смртни случаи“ од претходните бранови на епидемијата. Од организацијата додаваат дека бројот на починати е дури 19 отсто помал од претходната недела.

Сметаме, со внимателен оптимизам, дека бројот на смртни случаи и сериозни болести ќе остане низок во овој бран, но поради бавното темпо на вакцинација во Африка, тој ќе биде многу поголем отколку што треба – изјави Моети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.