Светската здравствена организација (СЗО) смета дека постои реална шанса да се запре ширењето на новиот коронавирус, кој од денеска го има офијцалното име COVID-19, кој претставува многу сериозна глобална закана, пренесуваат во вторникот светските новински агенции.

Ако сега преземеме напори, имаме реални шанси да ја запреме оваа епидемија“, изјави шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Објави, исто така, дека новиот коронавирус сега се вика COVID-19, откако го имаше привремениот назив 2019-nCoV. Името е одбрано за да биде лесно за изговарање, и притоа да се избегне стигматизацијата, споменување на одредена земја или население, додаде.

Гебрејесус, исто така, објасни дека „co“ значи корона, „vi“ вирус, а дека „d“ е избрано поради „desease“, заболување/болест на англиски. Бројката „19“ ја означува годината на појавување на новиот сој коронавирус, односно 2019 година.

Околу 400 научници од целиот свет се собраа во вторникот на дводневната конференција под покровителство на СЗО за да се интензивира борбата против оваа болест.

Коронавирусот кој усмрти повеќе од илјада луѓе во Кина претставува „многу сериозна закана за остатокот од светот“, појасни Гебрејесус најавувајќи дека првата вакцина може да биде достапна за 18 месци.

Ги повика земјите да бидат „агресивни колку што е можно“ во борбата против овој вирус, кој го нарече „непријателот број еден“. Но, според него, „загрижува“ тоа што во Франција и во Велика Британија се појавија случаи на новиот коронавирус односно појави на зараза од човек на човек, иако претходно не патувале во Кина.

Само во понеделникот починаа уште 103 лица во централната кинеска провинција Хубеи, а бројот на мртвите во континентална Кина се искачи на 1.106 луѓе. Најновите податоците за вторникот се очекуваат околу полноќ по македонско време. Меѓутоа бројот на новите случаи на зарази е намален за речиси 20 отсто во однос на неделата, од 3.062 на 2.478 заразени. Надвор од Кина се потврдени 319 случаи на инфекцијата со вирусот во вкупно 24 земји во светот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.