Светската здравствена организација денеска предупреди дека пандемијата на Ковид-19 се влошува на глобално ниво и дека работите извесно време нема да се вратат во „старата нормала“.

На редовен брифинг за медиумите, генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека иако многу држави во Европа и на други места докажаа дека е можно да се стават под контрола големи епидемии, многу нации „се движат во погрешна насока“.

Тедрос претстави четири сценарија кои играат низ целиот свет. Во првото сценарио, државите кои беа будни и свесни „се подготвуваа и реагираа брзо и ефикасно на првите случаи, како резултат на тоа тие досега избегнаа големо ширење на вирусот“.

Овие земји, како што рече тој, имале сеопфатна стратегија за пронаоѓање, изолирање, тестирање и грижа за случаите и биле во можност да го сузбијат вирусот.

Во второто сценарио, Тедрос ги истакна земјите кои доживеаја голема пандемија, која беше ставена под контрола преку комбинација на силно лидерство и придржување на населението кон клучните мерки во интерес на јавното здравје. Тој истакна дека неколку европски земји одговараат на ова сценарио.

Во третото сценарио ги наведе државите што го избегнаа првиот пик на пандемијата, но ги олеснаа ограничувањата премногу брзо и сега се борат со нови, опасни бранови кои ги полнат болничките одделенија. Овие нации ги губат првичите придобивки поради тоа што не ги следат докажаните мерки.

Во четвртото сценарио, рече Тедрос, се држави кои се во интензивна фаза на трансмисија на вирусот.

Ова го гледаме низ Америка, Јужна Азија и неколку земји во Африка, рече тој.

Генералниот директор на СЗО рече дека Америка останува епицентарот на пандемијата, каде се регистрирани над 50% од случаите во светот. Најтешко погодени се САД и Бразил.

Но, тој рече дека првите две сценарија покажале дека „никогаш не е доцна да се стави под контрола вирусот, дури и кога има експлозивна трансмисија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.