Пандемијата ковид-19 „продолжува забрзано да се шири“ низ целиот свет и за само осум дена се забележани милион нови случаи на зараза, предупреди денес генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Знаеме дека пандемијата е далеку повеќе од здравствена криза, дека станува збор за економска и социјална криза и во многу земји политичка. Нејзините последици ќе се чувствуваат со децении – рече тој во видео конференцијата организирана од емиратот на Дубаи.

Предупредувањето доаѓа во време кога многу земји почнаа да ги олабавуваат мерките за изолација за повторно да ги придвижат своите економии.

Шефот на СЗО минатата недела оцени дека новата фаза е „опасна“ затоа што вирусот сè уште „брзо се шири“ и е „смртоносен“.

Потребни беа повеќе од три месеци да се регистрираат првите милион заразени, а последниот милион заразени е пријавен за само осум дена – истакна тој.

Тој, исто така, ги повика владите и општествата да се подготват за можни идни пандемии што би можеле да се случат „во која било земја во кое било време и да убијат милиони луѓе затоа што не сме подготвени“.

Не знаеме каде или кога ќе се случи следната пандемија, но знам дека ќе има сериозни последици по животот и светските економии – предупреди тој.

Пандемијата „ковид-19“ однесе најмалку 465.300 животи во светот од декември минатата година, според билансот на АФП врз основа на официјални извори, до недела во 21 часот по средноевропско време.

Најпогодени се Соединетите држави со најмалку 119.959 смртни случаи, по што следат Бразил (50.617), Велика Британија (42.632), Италија (34.634) и Франција (29.633).

Со новиот коронавирус инфицирани се повеќе од милион луѓе во Бразил.

Латинска Америка во моментов е епицентар на заразата, со повеќе од 20.000 мртви во Мексико, повеќе од 8.000 во Перу и повеќе од илјада во Аргентина.

Скоро девет милиони луѓе ширум светот се заболени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.