Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Адана Гебрејесус, порача дека е разочаран што кинеските власти не ги финализирале дозволите за пристигнување на тим експерти во Кина, кои треба да го испитаат потеклото на вирусот САРС-КоВ-2.

Гебрејсус изјави дека членовите на меѓународниот научен тим почнале да заминуваат од своите матични земји во Кина во последните 24 часа, како дел од договорот меѓу СЗО и кинеската влада

Денеска дознавме дека кинеските власти сè уште не ги завршиле потребните дозволи за доаѓањето на тимот во Кина. Јас сум многу разочаран од оваа вест, имајќи предвид дека двајца членови веќе отпатуваа, а другите, во последен момент дознаа дека не можат да патуваат, но беа во контакт со високи кинески претставници – рече Тедрос на прес-конференција во Женева.

Тедрос изјави дека „јасно ставил до знаење“ дека мисијата е приоритет на здравствената агенција на Обединетите нации.

Ние сакаме мисијата да почне што е можно побрзо – изјави Гебрејсус.

Експертите, собрани од целиот свет, се очекува да го посетат градот Вухан, за кој се сомнева дека е местото каде што првпат се појави корона вирусот пред повеќе од една година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.