Портпаролот на Светската здравствена организација (СЗО), Кристијан Линдмаер, порача дека производителите на вакцини против Ковид-19 треба да бидат пофалени затоа што се подготвуваат за можноста дека ќе мора да ги приспособат своите производи за заштита од варијантата Омикрон.

На брифинг во Женева, Линдмаер изјави дека СЗО сè уште ја проучува преносливоста и сериозноста на новата варијанта, која беше откриена во јужна Африка.

Многу е за пофалба што производителите на вакцини веќе почнаа да прават планови согласно кои веројатно ќе треба да ја приспособат постоечката вакцина. Добро да не се чека да заѕвони алармот – истакна Линдмаер.

Претставникот на СЗО, нагласи дека, сепак, ќе биде потребно уште некое време целосно да се истражи новиот сој и оти не треба да се брза со заклучоците. Според него, прелиминарните податоци покажуваат дека има поголема преносливост, но оти во суштина тоа е сè што засега се знае.

Линдмаер истакна дека во светот се уште е доминантен Делта сојот и оти повеќе од 90 отсто од заразените се заразени со оваа варијанта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.