Светската здравствена организација (СЗО) објави дека, по постојаниот раст во изминатите два месеца, бројот на нови случаи на корона вирус во светот се стабилизира на 4,5 милиони неделно.

Во неделната проценка на пандемијата, СЗО наведува дека бројот на нови инфекции во Западен Пацифик се зголемил за околу 20 проценти, на целиот американски континент за осум проценти, додека во другите региони низ светот или останал на исто ниво или е намален.

Во САД, Иран, Индија, Велика Британија и Бразил има регистрирано најмногу нови случаи на зараза.

СЗО наведува и дека минатата недела околу 68.000 луѓе починале како последица на Ковид-19 во светот, а Европа и американскиот континент забележале зголемување на бројот на смртни случаи за околу 10 проценти.

Во извештајот се наведува дека неколку неодамнешни студии покажуваат оти одобрените вакцини продолжуваат да обезбедуваат заштита од сериозни облици на болеста, но дека постојат докази кои покажуваат дека вакцините се помалку ефикасни во заштита од позаразните варијанти на корона вирусот.

Вкупниот број на заразени луѓе во светот до вчера изнесувал 212.357.898 лица, а починати се 4.439.843.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.