Хатиџе Ченгиз свршеницата на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги рече дека осудувањето на смрт на петте лица е неправедна и погрешна и дека нивното погубување дополнително ќе ја сокрие вистината.

Кашоги исчезна откако влезе во саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври 2018 година со намера да земе документи за планираната венчавка. Неговото тело, наводно, било распарчено и отстрането од зградата, а неговите остатоци не биле пронајдени.

Во понеделникот, саудискиот суд осуди пет лица на смртна казна и три лица на доживотен затвор поради убиството, додека ги отфрли обвиненијата против уште тројца од 11-те на кои им се суди. Истражувачка на ОН го обвини Ријад дека ја „исмева“ правдата ослободувајќи високи личности кои можеби го наредиле убиството. Судот ги отфрли наодите од истрагата на ОН и заклучи дека убиството не било намерно извршено, туку дека „одлуката е донесена во моментот“.

Свршеницата на Хашоги, Хатиџе Ченгиз изјави вчера дека судењето не открило зошто оние кои се прогласени за виновни го убиле Хашоги затоа што е одржано зад затворени врати.

Ако овие луѓе се егзекутирани без никакви шанси да зборуваат и да ги објаснат своите постапки, може никогаш нема да ја дознаеме вистината за убиството – рече Ченгиз.

Таа ги повика „сите власти во светот“ да ја осудат таквата одлука на судот и да спречат какво било погубување, бидејќи тоа би било „само уште еден чекор во криењето на вистината“.

Убиството на Кашоги, кој живеел во САД и ја критикувал де факто владата на Саудиска Арабија, принцот престолонаследник Мухамед бин Салман, предизвика бурни реакции ширум светот, а некои влади, како и ЦИА, веруваат дека принцот го наредил убиството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.