Поранешниот полицаец од Минеаполис, Ту Тао, доби казна од четири години и девет месеци затвор за соучесништво во убиството на Џорџ Флојд, Афроамериканецот кој почина при неговото апсење на 25 мај 2020 година.

Тао е прогласен за виновен во мај дека помогнал во убиство од небрежност од втор степен, објави „Гласот на Америка“.

Се надевав дека ќе има повеќе покајување, жалење, признавање на одредена одговорност“, изјави судијата пред да ја изрече пресудата.

Тао кажа дека немал намера никому да наштети, ниту некого да повреди.

Тоа никогаш не ми беше намерата. Направив се што мислев дека можам, изјави тој.

Тао, кој девет години бил во полициските сили, спречил група минувачи да се приближат додека белиот полицаец Дерек Шовин, клечеше на вратот на Флојд девет и пол минути, кој за тоа време молел за неговиот живот, велејќи дека не може да дише. Флојд првично беше приведен под сомнение дека користел фалсификувана банкнота од 20 долари во блиската продавница.

Апсењето и смртта на Флојд беа снимени од случаен минувач. Убиството предизвика протести против расизмот и полициската бруталност низ Америка и во светот. Јавниот обвинител на Минесота, Кит Елисон и другите обвинители побараа Тао да биде осуден на 51 месец затвор.

Шовин беше прогласен за виновен за убиство во 2021 година. Двајца други полицајци, Томас Лејн и Александар Куенг, го држеа Флојд додека Шовин клечеше на неговиот врат.

Минатата година пред државниот суд, тие се изјаснија за виновни за соучесништво во убиство од втор степен. Лејн беше осуден на три ипол години затвор, а Куенг на три.

Шовин беше осуден во државата Минесота на 22 ипол години затвор за убиство од втор степен и уште 21 година поради федерални обвиненија за кршење на правата на Флојд.

Казните ќе ги издржуваат истовремено.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.