Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали неусвојувањето на нов закон за одбрана го става во опасност членот пет на Повелбата на НАТО за колективна одбрана, потсети дека Македонија секако ќе биде обврзана да го почитува.

Членот пет на Повелбата на НАТО е еден од најважните столбови на Алијансата, тој предвидува дека напад врз една земја членка се смета за напад врз сите останати.

Членот пет за колективна одбрана ќе биде обврска што произлегува од договорот штом Македонија стане полноправна членка. Ние го потпишавме пристапниот протокол и штом сите НАТО сојузници го ратификуваат, Повелбата ќе се примени, а членот пет ќе биде обврска – изјави Столтенберг.

Новиот закон за одбрана со кој се зголемува усогласеноста на Македонија со НАТО стандардите не може да се усвои поради тоа што нема двотретинско мнозинство. Опозицијата го спори фактот што во новиот закон се користи името Македонија. Во сегашниот закон, армијата е на „Република Македонија“, но Столтенберг одби да одговори на прашањето дали тоа ќе претстави проблем за полноправното зачленување на земјава во Алијансата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.