Њузвик
Студија која се занимава со реакциите на Ковид-19 во светот откри, се тврди во заклучокот, дека задолжителното „затворање“ (локдаун) на почетокот на пандемијата можеби не придонело за забавување на болеста повеќе од некои доброволни мерки, како што се одржување физичко растојание или избегнување патување. Рецензирана студија беше објавена во списанието Еуропиан Џурнал оф клиникал инвестигејшн (European Journal of Clinical Investigation) на 5 јануари и го анализираше зголемувањето на бројот на случаи со коронавирус во десет земји на почетокот на 2020 година, пишува Њузвик.
Студијата спореди случаи во Англија, Франција, Германија, Иран, Италија, Холандија, Шпанија и САД, земји што спроведоа „локдаун“ и затворање на компании со случаи во Јужна Кореја и Шведска, кои имаа поблаги мерки на доброволна основа . Целта на студијата беше да се анализира ефектот на поблаги или построги мерки врз промените во индивидуалното однесување и сузбивање на пренесувањето на вирусот.
Истражувачите користеле математички модел за да ги споредат земјите со построги и поблаги мерки и заклучиле дека „нема јасен и значаен корисен ефект на порестриктивни мерки врз зголемувањето на бројот на случаи во која било земја“.
„Не ја доведуваме во прашање улогата на сите јавно-здравствени интервенции, ниту координираната комуникација за епидемијата, но не успеваме да најдеме дополнителни придобивки од забраната за напуштање домови и затворање деловни активности“, велат истражувачите.
Студијата има ограничувања
Сепак, тие признаваат дека студијата има и ограничувања и забележуваат дека не е „лесно да се споредат повеќе земји“, бидејќи нациите може да имаат различни правила, култури и односи меѓу граѓаните и владата.
Студијата е спроведена од гласни противници на „затворањето“
Студијата е спроведена од истражувачи поврзани со универзитетот Стенфорд, а еден од авторите е и Џеј Батачарија, професор по медицина и економија, кој, уште од март, е гласен противник на „затворањето“. Батачарија е исто така меѓу научниците кои ја напишаа Декларацијата од Грат Барингтон, контроверзна изјава со која се охрабруваа националните влади да ги укинат блокадите за да постигнат колективен имунитет меѓу младите и здрави луѓе, истовремено фокусирајќи ја заштитата на старите лица.
Заради контекстот, треба да се каже дека други студии, за разлика од нив, откриле дека „заклучувањето“ спаси милиони животи.
Империјал колеџ: „Локдаунот“ спаси животи
Студија на истражувачите од Лондонскиот империјален колеџ, објавена во списанието „Нејчр“ минатиот јуни, покажа дека воведувањето „локдаун“ на почетокот на пандемијата низ цела Европа спаси 3,1 милиони животи.
„Овие податоци покажуваат дека без интервенции, како што се „заклучување“ и затворање на училишта, може да има многу повеќе смртни случаи како резултат на Ковид-19. Стапката на пренос падна од високо ниво на контролирано ниво во сите европски земји што ги проучуваме. Треба внимателно да се разгледаат континуираните мерки потребни да се задржи пренесувањето на вирусот САРС-КоВ-2 под контрол “, рече во јуни д-р Самир Бат, автор на студијата Империјал колеџ.
Друга студија, објавена заедно со тој извештај во „Нејчр“, спроведена од американски научници, покажа дека со раното воведување на „локдаун“ во Кина, Јужна Кореја, Италија, Иран, Франција и САД се избегнале 530 милиони зарази со коронавирус.
Локдаунот е исто така високо политизиран проблем во САД. Некои републикански лидери, вклучувајќи ги гувернерите на Флорида и Мисисипи, Рон ДеСантис и Тејт Ривс, жестоко се спротивставија на националното затворање за да се спречи ширењето на Ковид-19. Во државите управувани од демократите како Њујорк и Калифорнија, „затворањето“ е постојан дел од борбата против коронавирусот уште од март.
Според анкетата која на 24 декември ја спроведоа Вокс и Дејта фор прогрес (Vox и Data for Progress), повеќе од половина од Американците изјавија дека ќе поддржат едномесечно национално заклучување. Но, новоизбраниот претседател Џо Бајден во ноември рече дека нема намера да воведе национален „локдаун“ по стапувањето на функција на 20 јануари.
– Нема да ја затворам економијата, ќе го затворам вирусот. Не гледам никакви околности што би барале целосна национална блокада. Мислам дека такво нешто би било контрапродуктивно, рече Бајден.
Според Универзитетот Џон Хопкинс, САД досега имале повеќе од 25 милиони случаи на Ковид-19 и околу 420.000 смртни случаи. /МИА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.