Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, кој обично се одржува во јануари, е одложен за следното лето, бидејќи не се исполнети сите услови за „безбедно“ организирање на состанокот поради епидемијата на коронавирусот, соопшти Адриан Монк, портпарол на организацијата.

Тој рече дека не било лесно да се донесе одлука затоа што има итна потреба за состанок на меѓународните лидери за периодот по пандемијата.

Организацијата не го наведе датумот на одржување на собирот и укажа на можноста Форумот да не биде во Давос.

Ќе добиете детали за датумите и местото на нашиот одложен Форум, веднаш штом ќе бидат исполнети условите за гарантирање на здравјето и безбедноста на сите учесници, рече Монк.

Од Форумот на почетокот на јуни објавија дека сакаат собирот да се одржи во вообичаеното време, на швајцарските Алпи, но во променет формат, и делумно на Интернет.

За потсетување, минатата година форумот во Давос помина во атмосфера на глобалната несигурност, вклучувајќи ги и популизмот и намалениот економски пораст. Политичките и економски кризи на домашен терен спречија поголем дел од западните лидери да присуствуваат на Светскиот економски форум.

Американскиот претседател Доналд Трамп го откажа учеството поради блокадата на Владата, неговиот француски колега Емануел Макрон остана дома поради протестите на „жолтите елеци“ и дијалогот со народот, додека, пак, британската премиерка Тереза Меј беше отсутна поради тоа што беше фокусирана на блокираниот Брегзит.

На самитот во Давос не присуствуваа ниту лидерите на Русија и Кина – Владимир Путин и Си Џинпинг.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.