Американскиот специјален пратеник за климатски промени, Џон Кери, од денеска до 6 октомври ќе престојува во официјална посета на Швајцарија, Италија и Франција.

Прес службата на Стејт департментот соопшти дека Кери на средбите ќе разговара со своите колеги околу мерките за надминување на климатската криза пред почетокот на 26. Конференција на Обединетите нации за климатски промени (COP26). Кери денеска во Женева ќе се сретне и со бизнисмени, осврнувајќи се на улогата на приватниот сектор во развојот на еколошки чисти технологии за надминување на климатската криза.

Прелиминарен состанок на COP26 ќе се одржи во Милано од 30 септември до 2 октомври, на кој ќе учествува и Кери. Од 3 до 6 октомври во Париз, тој ќе ја посети Елисејската палата, каде што ќе биде домаќин на средба посветена на мобилизирање на глобалните финансиски текови за справување со климатските промени. Кери ќе учествува и на конференцијата „Заеднички вредности: Градење зелена и инклузивна иднина“.

Дваесет и шестата Конференција на Обединетите нации за климатски промени (COP-26) ќе се одржи во Глазгов од 31 октомври до 12 ноември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.