Според најновите податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени вкупно 2.444.209 лицa. Од нив починати се 167.986, а оздравеле 640.252 луѓе.

Хонг Конг – Денеска нема ниту еден нов случај на заразен со новиот коронавирус. Таму се регистрирани 1.025 инфекции и четири смртни случаи. И покрај топа, Владата не ги укинува дел од вонредните мерки.

Велика Британија – Бројот на смртни случаи од новиот коронавирус се зголеми за 449 лица во последните 24 часа. Тоа е најмало зголемување на смртните случаи во земјата од 6 април досега. За споредба, вчера се пријавени 596 смртни случаи, а 888 смртни случаи еден ден порано. Од почетокот на епидемијата, во британските болници починале 16.509 лица, а вкупно се заразени 124.743. Портпаролот на британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека главната загриженост во земјата е да се избегне нов бран на зараза доколку ограничувањата наметнати поради коронавирусот се укинат премногу брзо.

Унгарија – Властите во државата на 3 мај ќе објават план за излез од ограничувањата воведени поради епидемијата. До тој датум во сила се вонредните мерки. Премиерот Виктор Орбан нагласи дека нема гаранции дека епидеммијата че биде ставена под контрола.

Германија – Германија мора да остане будна и дисциплинирана во својата борба против новиот коронавирус за да избегне нов бран во наредните недели, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел. „Мора да останеме внимателни и дисциплинирани“, рече Меркел. Таа додаде дека Германија за две недели ќе види дали делумното ублажување на ограничувањата во јавниот живот ја зголемило стапката на заразени. Во Баварија сите ќе мора да носат заштитни маски во продавници и во јавен превоз.

Јапонија – Јапонските лекари предупредуваат властите да направат повеќе за да се избегне преоптоварување на здравствениот систем во земјата, со 10.000 случаи пријавени оваа недела, иако е воведена вонредна состојба. Експертите се загрижени за стотици случаи на заразени од Ковид-19 што се откриваат секој ден во земјата. Иако пандемијата во Јапонија е под нивото достигнато во најпогодените европски земји и САД, земјата има најголем број заразени во Азија зад Кина и Индија. Според најновите податоци на јапонското Министерство за здравство, 171 лица починале од 10.751 пациенти од почетокот на кризата. Бројот на пациенти се зголеми за речиси 400 за изминатите 24 часа.

Стразбур – Од избувнувањето на пандемијата со КОвид-19, има драматично зголемување на пријавени случаи на насилство врз жени и семејно насилство, како во светот така и во земјите членки на Советот на Европа. Тоа се наведува во декларација на Комитетот на Истанбулската конвенција за спречување и сузбивање насилство врз жени и семејно насилство. Иако во многу земји, пандемијата доведе до забавување на работата на судовите и одложувања на судски рочишта, безбедноста на жртвата и нејзините деца треба да остане приоритет за спроведувањето на законот и судските органи, се вели во декларацијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.