По убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд во Минеаполис, левичарски политичари низ САД покренаа кампања чија цел е да се укинат или сериозно намалат полициските сили во голем број градови.

Демонстрантите напаѓаат полицајци, горат полициски станици, а досега дузина демонстранти и граѓани беа убиени во протестите, додека стотици полицајци беа повредени. Меѓу убиените се и повеќе афроамерикански граѓани кои си ги бранеле своите имоти од безредијата, а барем еден од нив, Дејвид Дорн, е поранешен полицаец.

Кампањата за укинување на полициските служби предизвика длабока поделба меѓу американските поларизирани политички партии. Републиканската партија на претседателот Трамп предупредува дека ваквите обиди ќе доведат до серија нови насилни протести и до враќање на криминалот во големите градови кои со големи напори беа направени безбедни по безредијата во 1970ите години. Демократската партија, пак, се посилно застанува во поддршка на барањето да се укине полицијата. Некои од медиумите и политичарите се уште имаат потешкотии да сфатат дека барањето е сериозно – при интервју на Си-ен-ен, телевизија која силно ги поддржува протестите, новинарката ја праша Лиза Бендер, политичарка од Минеаполис, што треба да прави ако некој упадне во нејзиниот дом а полицијата е расформирана.

Идејата да повикате полиција кога некој ќе влезе во вашиот дом доаѓа од вашата положба на привилегираност во општеството, како човек за кого системот функционира, одговори Бендер.

Градоначалникот на Минеаполис Џејкоб Фреј, кој исто така целосно ги прифати и поддржа протестите, сепак беше избркан од митинг откако одби да се согласи да ја укине полицијата во неговиот град.

Новинската агенција В4НА јавува дека оваа кампања во голема мерка е поттикната и финансирана од мулти-милијардерот Џорџ Сорос, кој е познат по неговиот левичарски активизам и поддршката на улични протести со политичка заднина. Фондацијата Отворено Општество на Сорос се изјасни за намалување на полициските сили во колумна објавена на нејзината интернет страница уште во 2016 година. Во текстот на Рејчел Херцинг, насловен „Ајде да ја намалиме, а не реформираме полицијата во Америка“, се вели дека афроамериканските заедници во САД бараат полицијата да има помалку пристап до нивните заедници.

Знаеме дека најсигурниот начин да се намали насилното полициско однесување е да се намали контактот на граѓаните со полицијата, бараше Херцинг.

По почетокот на актуелната серија протести, автори поврзани со Фондацијата Отворено Општество први излегоа да го промовираат ова радикално барање на демонстрантите. Њујорк Тајмс објави колумна на авторката Мариам Каба, која е грантист на фондацијата на Сорос, во кој се бара кратење на полициските буџети и на бројот на полицајци за половина.

Во 2016 година, Фондацијата на Сорос започна медиумски и законски кампањи во седум американски држави за да го смени начинот на кој функционира полицијата и правосудниот систем. Пристапот, според списанието Политико, е Сорос да ги финансира кампањите на локални политичари, пред се јавни обвинители кои се подложни на избор од гласачите, за да обезбеди локалната власт да биде во рацете на левичарски ориентирани политичари кои потоа ќе се погрижат полициската служба да биде тргната на страна.

Цел на овие активности се државите Флорида, Илиноис, Луизијана, Мисисипи, Ново Мексико и Тексас. Така на пример, Фондацијата на Сорос дала 930.000 долари за кампањата на левичарски јавен обвинител во Лузиијана, 2,3 милиони долари за смена на шерифот на Феникс Џо Арпајо кој беше познат по противењето на илегалната имиграција, 1,3 милиони долари за неуспешната кампања против десничарскиот обвинител на Колорадо Питер Веир, и низа други слични изборни трки.

По доаѓањето на власт, кандидатите поддржани од Сорос веднаш работат на размонтирање на полициските служби. Во Филаделфија, јавниот обвинител Лери Краснер отпуштил 31 обвинител кои дотогаш биле активни во борбата против криминалот во оваа мтеропола. Во Хјустон, обвинителката Ким Ог отпуштила 37 искусни обвинители. И Ог и нејзиниот противкандидат биле поддржани од Сорос, што загарантирало дека кој и да победи во трката, левичарската програма ќе биде спроведена на дело.

Сорос донира пари и за политичари во законодавните тела, но во последно време негов омилен пристап е да го помогне изборот на левичарски кандидати на помалку познати функции, како јавни обвинители и заменик гувернери. Овие функции обично не предизвикуваат толку големо влијание во јавноста, но преку нив може да се спречи спроведувањето на законите или во пракса да се размонтираат успешните системи за борба против криминалот, и за спречуваее на илегалната миграција. Причината за ова е што радикалните предлози на Сорос, од кои најновиот е расформирање на полицијата, се длабоко непопуларни во јавноста. Финансирање на кампањи на пратеници кои би се залагале за носење закони со кои ќе се реализира овој план би било губење на време. Но со изборот на локалниот шериф или обвинител, функции кои во голем дел на САД се пополнуваат преку јавно гласање кое обично се врши со мал одзив на гласачите, истата цел може да се постигне без граѓаните да имаат влијание и да можат да ја спречат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.