Бегона Гомез, сопругата на шпанскиот премиер Педро Санчез е заразена од коронавирус. Освен неа, позитивни на тестирањето на блиските соработници на премиерот се и две министерки од шпанската влада.

Веста за шпанскиот АБЦ ја потврдиле од Владата на Шпанија, нагласувајќи дека премиерот, неговата сопруга и министерките се во добра здравствена состојба и дека ги почитуваат упатставата на епидемиолозите.

Во Шпанија, од денеска е на сила одлуката за делумна изолација во наредните 15 дена, како дел од планот за сузбивање на коронавирусот.

Тоа значи дека на 47-те милиони жители на Шпанија ќе им биде забрането слободното движење, освен ако мораат да одат на работа, во болница или да купуваат намирници или лекови.

Бројот на заразени во Шпанија вчера се искачи на 6023 лица од кои починаа 193, со што Шпанија стана втората земја по бројот на заболени лица од коронавирусот во Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.