Германија одлучи да почне со спроведување експеримент во кој граѓани ќе добиваат универзален основен доход од 1.200 евра месечно, во текот на три години, без притоа да одат на работа.

Според веб-страницата „Пилотпроект Грундкомен“, над 480.000 граѓани се пријавиле да учествуваат во овој проект.

Економисти и активисти го почнаа првото долгорочно истражување за универзален основен доход кое би можело да помогне во изнаоѓање решенија за последиците од корона кризата, објави германскиот институт за економски истражувања ДИВ.

Во првата фаза во истражувањето ќе бидат опфатени 120 учесници, кои ќе бидат избрани по случаен избор. До крајот на проектот, бројот на учесници треба да се зголеми на 1.500.

Ваков експеримент вќе се спроведуваше во Финска, со цел да се види какви ефекти ќе даде кај населението. Во 2017 година Финска беше првата земја во Европа, која во рамки на социјален експеримент, на невработените почна да им исплаќа основна месечна заработка од 560 евра, со цел намалување на државната бирократија и сиромаштијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.