Нови снимки направени одблиску го прикажуват моментот кога Северна Кореја ја крена во воздух канцеларијата за меѓукорејски врски отворена во 2018 година како симбол за помирувањето меѓу двете земји.

По експлозијата која се случила во 14 часот и 49 минути Сеул упати заканувачка изјава велејќи дека Пјонгјанг ќе добие силен одговор ако одлучи да ја ескалира ситуацијата.

Јужнокорејскиот претседател на 15 јуни по повод годишнината од првиот меѓукорејски самит изјави дека земјите не треба да се навраќаат на претходната состојба, кога беа на ивица на војна и предложи сите потешкотии да се решаваат со билатерални односи по пат на дијалог и соработка.

Како одговор на тоа, Ким Јо Џонг, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, објави соопштение во кое жестоко го критикуваше говорот на претседателот.

Таа се закани со воена операција против Јужна Кореја заради тоа што јужниот сосед не ја запрел пропагантата со испраќање летоци преку границата. Ги повтори и претходните закани дека Пјонгјанг ќе ја укине „бескорисната“ канцеларија за врски во пограничниот град Каесонг. Три дена подоцна, Северна Кореја ја крена во воздух канцеларијата за врски.

Индустрискиот комплекс Каесонг е посебна економска зона на границата помеѓу двете Кореи со кој заеднички управуваат Пјонгјанг и Сеул.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.