Американските медиуми пишуваат за тоа дека свиркачот кој откри доверливи документи за американскиот претседател Доналд Трамп, всушност бил службеник на ЦИА, чиј идентитет не се открива, а познато е и дека работел во Белата куќа.

Покрај објавениот транскрипт, свиркачот во својот извештај пишува и дека дознал дека ова не е првпат администрацијата на Трамп да крие транскрипти од неговите разговори со цел „заштита на политичко чувствителни информации“.

Демократите го обвинија Трамп дека бара странска помош и мешање во изборите што треба да се одржат следната година. Исто така, некои тврдат и дека Трамп, во овој контекст, како алатка за преговарање со Украина ја користел воената помош.

Трамп негира какви било малверзации, а целата приказна и барањето за негово отповикување ги нарече „лов на вештерки“. Тој рече дека тој што ги изнел ваквите информации е шпион.

Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом на САД вчера објави извештај од кој е отстранета ознаката за доверливост, во кој се наведува дека Трамп ја искористил својата позиција за да ја вмеша Украина во претседателските избори во 2020 година, загрозувајќи ја на тој начин националната безбедност на САД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.