Словачка ги продаде повеќето од своите дози на руската вакцина „Спутник В“ назад во Русија.

Словачкото Министерство за здравство објави дека таквиот потег е направен поради намалениот интерес на словачката јавност за вакцинирање со производ што не е одобрен од европски регулатор.

Словачка и продаде на Русија 160.000 од вкупно 200.000 дози по цена од 9,95 американски долари по доза, што е иста цена по која е купена вакцината во март – изјави портпаролката на Министерството.

Купувањето на „Спутник В“ беше политички фијаско за тогашниот премиер Игор Матовиќ, кој ја купи руската вакцина без да се консултира со своите коалициски партнери. Матовиќ беше принуден да даде оставка, иако подоцна се врати во Владата како министер за финансии.

Словачката регулаторна агенција СУКЛ одби да ја одобри употребата на „Спутник В“, повикувајќи се на нецелосни податоци за производителот.

Минатиот месец, Владата одобри употреба на „Спутник В“ за оние кои сакаат руска вакцина, но интересот на јавноста беше многу помал од достапните количини.
Министерството во петокот објави дека 10.500 Словаци ја примиле првата доза на вакцината и дека други 8.000 се на списокот за примање на оваа вакцина.

На крајот на јуни, Владата го заврши процесот на апликација за руската вакцина и најави дека ќе ги донира или продаде неискористените вакцини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.