Поранешните германски војници бараат отштета поради изложеност на осиромашен ураниум користен за време на војните на Балканот и во Ирак, поради што фракцијата „Алтернатива за Германија“ во Бундестагот побара мислење на германската влада.
Порталот „Т-онлајн“ наведува дека околу 220 војници барале отштета поради изложеност на ураниум, и повторно се актуализирани дискусиите за тоа колку споменатата муниција е штетна за здравјето, пренесува бањалучки „Независне новине“.
Во својот одговор на 12 август, германската влада истакна дека сите барања биле одбиени во текот на изминатите години затоа што, како што беше истакнато, не е докажано дека германските војници претрпеле какви било здравствени последици заради контакт со оваа муниција, која се користела првенствено во противтенковски авионски боеви зрна наменети за уништување оклоп.
Резултатите од студијата за влијанието на осиромашениот ураниум покажуваат дека нема речиси никаков ризик од радијација на местата каде што се користи оваа муниција, а токсиколошките ризици можат да произлезат само под вонредни околности, кои досега не се пријавени – се вели во соопштението објавено на страницата на германската влада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.