Истражувачи од Универзитетот „Џон Хопкинс“ во САД соопштија дека речиси едно од секои четири лица во светот нема да има можност да прими вакцина против Ковид-19 до 2022 година, затоа што богатите земји со помалку од 15 проценти од светската популација резервирале 51 процент од најперспективните дози.

Тоа би значело дека останатата количина на вакцината ќе треба да биде поделена меѓу земјите со низок и со среден приход што опфаќаат над 85 проценти од светската популација. Според научниците, ефективен пандемиски одговор бара од земјите со високи примања да учествуваат во правична дистрибуција на вакцините низ светот.

Несигурноста во врска со глобалниот пристап до вакцините за ковид-19 се следи не само за време на клиничките испитувања, туку и поради неуспехот на владите и производителите на вакцини да бидат потранспарентни и одговорни во однос на овие аранжмани – сметаат истражувачите.

Студијата наведува и дека заклучно со 15 ноември, земјите со високи приходи порачале скоро 7,5 милијарди дози вакцини од 13 производители, вклучувајќи ги Јапонија, Австралија и Канада, кои заедно си обезбедија повеќе од милијарда дози, иако кај нив во моментот има помалку од еден процент од тековните нови случаи на корона вирус.

Дури и ако вакцините од водечките производители го достигнат предвидениот максимален капацитет за производство, скоро 25 отсто од светската популација може да не прими вакцина уште една година или повеќе.

Истражувачите од „Џон Хопкинс“, исто така, сметаат дека Ковакс механизмот, како институција на Светската здравствена организација (СЗО), може да има клучна улога во обезбедување на поправичен пристап до одобрени вакцини, иако обезбедил само 500 милиони дози или далеку под целта за доставување на најмалку две милијарди дози до крајот на 2021 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.