Кралот на Тајланд, Маха Вачиралонгкорн би можел да биде протеран од Германија доколку продолжи да издава укази од неговата вила во Баварија.
Како што соопштија од Бундестагот, тајландскиот крал го злоупотребува својот дипломатски имунитет за време на неговиот продолжен престој во неговата вила во Баварија, но државата има моќ да го протера од земјата.
Претходно, министерот за надворешни работи Хајко Мас го предупреди Вачиралонгкорн да не управува со неговата земја од Германија, додека има продолжен престој во неа, во време кога во Тајланд има протести против неговото недемократско владеење.
Само оваа недела на протестите во Бангкок беа приведени повеќе од 50 лица.
Јасно стававме до знаење дека политиките што влијаат на земјата Тајланд не треба да се водат од германско тло – изјави Мас на почетокот на октомври.
Вачиралонгкорн мина неколку месеци во својата вила покрај езерото Старнберг, јужно од Минхен, а пролетта често пати престојуваше во еден луксузен хотел во ски-центарот Гармиш-Партенкирхен, со што ја прекрши забраната за престој во хотели, како една од мерките во тоа време за запирање на пандемијата на корона вирусот во Германија.
Кралот во октомври се врати во Тајланд, а левичарската партија ја повика германската Влада да му забрани влез во Германија.
Секој кој, како кралот, со бруталноста на воената хунта го потиснува демократското движење, не треба да биде награден со виза за луксузен долг престој во Германија – наведуваат левичарските парламентарци Севим Дагделен и Хајке Хенсел во заедничката изјава.
Германското Министерство за надворешни работи, претходно во ноември, соопшти дека не најде докази дека кралот издал укази од Баварија, со кои се кршеле човековите права, иако опозициските германски политичари го тврдат спротивното.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.