Речиси четири години откако речиси милион бегалци беа примени во Германија, оваа богата европска земја таа врата речиси ја затвори, пишува Си-ен-ен.
Во средата германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер кажа дека во 2018 година Германија примила околу 185.000 барања за азил. Тоа е 17 отсто помалку од 2017 година. и многу помалку отколку во 2015 година, кога имало 890.000 барања.
Сега проблемот е под контрола. Нештата дојдоа на свое место“, кажа Зехофер, истакнувајќи дека „им се нуди заштита на ранливите“, пофалувајќи се дека бројот на барања е во рамки на долната граница препорачана од владата.
И додека бројот на барања за азил опаѓа, бројот на депортации расте. Лани повеќе од 8.000 луѓе се вратени во земјите од Европската Унија во кои првично влегле. Порастот на бројот на депортации го отвора и прашањето за одговорноста меѓу европските земји. Преку 30 отсто од тие луѓе се вратени во Италија. Грците одбија да ги примат повеќето емигранти кои им ги врати Германија. Унгарија не прими никого назад.
Во секој случај, пишува Си-ен-ен, постојат индикации дека Германија ја менува насоката од „вилкоменскултур“, односно менталитетот на добредојде кој во 2015 канцеларката Ангела Меркел го фалеше и поддржуваше.
„Ние тоа го можеме“, кажуваше тогаш Меркел. Но, изгледа дека Германија се измори.
Од тогаш во самата Германија се случија бројни политички промени. Поприлично зајакна АфД, десничарската партија Алтернатива за Германија. Екстремно десната АфД на голем број Германци им се виде како вистинска алтернатива на владејачката коалиција ЦСУ/ЦДУ, а главната тема што ја пропагира АфД и на која собира поени е токму прашањето на бегалците и емигрантите.
Десничарската АфД ги искористи случаите на злосторства кои вклучуваа емигранти, а во повеќе наврати, како летоска во Кемниц, беа организирани големи протести. На тој начин АфД им зема дел од гласовите на демохристијаните на Меркел и на сестринската баварска ЦСУ. Тоа во голем дел им успеа, како што се виде на изборите, и тука треба да се бара една од причините за промената на политиката на германските власти.
Така минатата недела долниот дом на германскиот Будестаг донесе одлука дека Мароко, Алжир, Тунис и Грузија се безбедни земји, а тоа значи дека на потенцијалните емигранти од тие држави ќе им биде многу потешко да добијат статус на бегалци.
Сепак, тоа нема многу да реши. Имено, во 2017 година околу 15.000 луѓе од тие земји побарале статус на бегалци, а азил добиле само седум од нив. Сепак, повеќе стотици добиле привремено сместување, но тоа повеќе нема да биде возможно откако нивните матични земји беа прогласени за безбедни.
Луизе Амтсберг од партијата Зелени мисли дека овој потег нема ништо да реши.
„Сметам дека оваа дебата ги залажува луѓето да помислат дека рекласификацијата на овие четири земји ќе го реши проблемот кој го имаме со барателите на азил“, изјави Амтсберг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.