Фемицидот е најекстремна форма на родово базирано насилство и се дефинира како „убивање жени затоа што се жени“. Односно, би можеле да се каже дека станува збор за злосторство од омраза кон жените, кое е мотивирано од полот на жртвата.
Според Светската здравствена организација (СЗО), „повеќето случаи на фемицид се извршени од партнери или поранешни партнери, на кои често им претходи злоупотреба, закани или заплашување, сексуално насилство или ситуации во кои жените имаат помала моќ или помалку ресурси од нивните партнери“.
Фемицидот е поделен во две категории: интимен и неинтимен фемицид. Првото се однесува на убиство на женско лице од сегашен или поранешен партнер, а второто на убиство на жена од лице со кое не била во интимна врска.
Неинтимниот фемицид, на пример, се однесува на убиство на жени за време на вооружен конфликт, „убиство заради чест“, каде е извршено поради наводен срам нанесен на семејство од страна на жена, убиство на жени поради раса или сексуалност, фемицид извршен од други жени и убивање трансродови жени.
Колку е тоа голем проблем во глобална смисла?
Нема глобални или стандардизирани податоци за фемицидот. Според најновиот глобален извештај за убиствата на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ) објавен во јули 2019 година, кој изнесува податоци за 2017 година, 87.000 жени ширум светот намерно биле убиени таа година. Повеќе од половина од нив (50.000) се убиени од нивниот интимен партнер или член на семејството.
Но, проблемот најверојатно е поголем.
Недостатокот на податоци го крие вистинскиот обем на насилство – пишува Европскиот институт за родова еднаквост, чии резултати од анкетата за родово базирано насилство во ЕУ се очекуваат во 2023 година.
Фемицидот во различни делови од светот
Во Обединетото Кралство, од 2009 до 2018 година, „мажите убивале жена на секои три дена“, се наведува во десетгодишниот извештај Пописот на убиства на жени објавен во ноември 2020 година.
Во 2017 година најголем број жени се убиени во Азија, потоа во Африка, следат Cеверна и Јужна Америка, Европа и Океанија.
Студија од 2016 година на „Родова анализа на насилни смртни случаи“, се наведува дека, иако е мал бројот на вкупни убиства, Словенија, Нов Зеланд, Швајцарија и Австрија се првите четири „земји со високи приходи каде стапката на убиства на жени е поголема или еднаква на стапката на убиства на мажи“. Германија и Хонг Конг се на петтото место.
Иако УНОДЦ известува дека фемицидот е мал процент од сите убиства, глобалниот тренд и понатаму е вознемирувачки. Германската телевизија „Дојче Веле“ во ноември 2020 година објави дека „секој ден во Германија маж се обидува да ја убие својата сегашна или поранешна партнерка и секој трет ден тој обид е успешен“.
Дали се разликува фемицид од убиство во казненото право?
Во поголем број земји во кривичното право, фемицидот не спаѓа во посебна категорија, туку е класифициран како убиство. Само неколку земји легално го признаваат фемицидот, од кои повеќето се во Јужна Америка.
Ниту една земја-членка на ЕУ нема дефинирано фемицид во своето законодавство. Парламентот на Обединетото Кралство неодамна ја отфрли петицијата со која фемицидот треба да се прогласи за криминал.
Не е јасно што се бара со петицијата од британската Влада или Парламент. Убиството веќе се смета за кривично дело, па затоа не сме сигурни што сакате да се постигне со создавање нов прекршок – наведоа од Парламентот.
Ивана Миловановиќ, српска судијка и експерт за родово базирано насилство, за „ОН жени“ (UN Women) изјави дека „фемицидот треба да биде препознаен како посебно кривично дело“.
Фемицидот се разликува од другите форми на убиство, бидејќи станува збор за родово убиство, убиство на жена само поради тоа што е жена. Тоа укажува дека основните причини за фемицид се разликува од другите видови убиства и се поврзани со општата положба на жените во општеството, дискриминацијата врз жените, родовите улоги, нееднаквата распределба на моќта меѓу мажите и жените, вообичаените родови стереотипи, предрасуди и насилство врз жените – објаснува Миловановиќ.
Фемицид во законот: Чекор поблиску до правдата или не?
Според некои експерти, со вклучување на фемицидот во кривичниот закон, би се признала мизогинистичката природа на овие злосторства, но исто така ќе се има пристап до поточни податоци; што на крајот може да резултира со подобра заштита за жените.
На пример, во Мексико, фемицидот не е само признаен со закон, туку во 2020 година, Конгресот одобри построги казни за фемицид – од 45 до 65 години затвор. Но, овие одредби и казни не доведоа до повисоки стапки на осуди или намалување на овие кривични дела.
Земјите во Јужна Америка усвоија закони за криминализирање на фемицидот и да се наведува како посебно дело во кривичното право. Сепак, нема индикации за намалување на бројот на убиства на жени и девојки поврзани со нивниот пол – пишува УНОДЦ.
Новинарката Меган Битли се осврнува на Мексико и пишува дека таков закон дури и ја отежнува ситуацијата за жените.
Парадоксално, дури и кога убијците на жените беа фатени и процесуирани, категоријата фемицид ја отежна нивната пресудата. Причината за ова е што обвинителите мора без сомнение да докажат дека злосторството е извршено само поради тоа што жртвата била жена – вели Битли.
Како може да се намали фемицидот?
Се поставува прашањето: Како да се намали стапката на фемициди?. Дефинитивно не постои стратегија која им кажува на жените што да прават, како да се облекуваат или како треба да се однесуваат за да не станат жртви на насилство.
Според извештајот на проектот „Лесно оружје“ (Small Arms Survey) Анкетата за мало оружје, собирањето податоци е „неопходно“ за да се спречи родово базирано насилство.
Податоците расчленети по пол, возраст, етничка припадност, врска жртва-сторител и мотивација за насилство, заедно со контекстуални податоци; како што се локацијата, времето и алатките за насилство, ќе се користат во напорите за дијагностицирање, намалување и спречување на насилство – се наведува во извештајот.
Владата на Перу често се наведува како позитивен пример во заштитата на насилството врз жените. Перу има неколку агенции со специјализирани работни групи за намалување на бројот на женски убиства и гонење на насилници; вклучително итни центри за жени, итна линија за жртви на насилство врз жени и специјализирано полициско одделение за спречување на семејно насилство.
За да се спречи насилство врз основа на родот, треба да се променат културните и социјалните норми. Според истражувањето на Универзитетот во Бристол, Пресуге, општествата треба внимателно да ги разгледаат нивните ставови за „машкоста и женственоста, родовата еднаквост, семејното насилство и фемицид, патријархалната идеологија, традиционалните вредности, улогата на религијата во општеството и медиумското покривање на фемицидот и насилство врз жените“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.