Во терористичките напади во Шри Ланка загинаа најмалку 290 луѓе, а повеќе од 500 се повредени. Меѓу нив, повеќето луѓе со од Шри Ланка, но загинаа и бројни туристи, деца, познати готвачи, келнери, политичари…

Шри Ланка вчера беше длабоко потресена од неколку терористички напади за време на прославата на католичкиот Велигден во цркви и хотели со пет ѕвездички во градовите Коломбо, Негомбо и Батикаоли. Повеќето загинати се државјани на Шри Ланка.

Владата привремено го ограничи пристапот до социјалните мрежи за да се спречи ширење лажни информации, но сега за сега е познато дека меѓу загинатите има и Британци, Индијци, Данци и Кинези.

Меѓу загинатите е и познатата готвачка од Шри Ланка, Шанта Мајадуне.

Во нападот загинаа и трите деца на дански милијардер Андерс Холч Повлсен. Семејството било во Шри Ланка на одмор. Неколку дена пред нападот, едно од неговите деца објави заедничка фотографија со семејството во Шри Ланка.

Meѓу жртвите се и четворица келнери во хотелот Цијамон гранд. Тие беа идентификувани како Шанта, Сањевани, Ибрахим и Ништар.

Во нападите биле убиени и работници од хотелот Шангри-Ла во Коломбо. Хотелот потврди дека тројца вработени биле тешко повредени во нападот и дека подоцна починале.

Во истиот хотел се убиени и петмина индиски политичари од Бангалор, пишува Би-би-си. Двајца од нив биле идентификувани како К.Г. Ханумантарајапа и М. Рангапа. Тие биле членови на партијата Јаната Дал и во Шри Ланка биле на одмор по неодамнешните избори.

Во нападите загинал и внукот на шеикот Фазлула Карим Селим, политичар од Бангладеш и член на парламентот. Во нападот е повреден и неговиот син. Внукот на Селим исто така бил политичар и бил истакнат член на политичката партија Авами лига.

Меѓу загинатите Индијци е и Расина (58), која исто така дошла на одмор на Шри Ланка. Таа живеела во Дубаи, а неколку минути пред нападите се одјавила од хотелот и требало да замине на аеродром на аеродром.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.