Привремениот шпански премиер Педро Санчез денеска ја пропушти едната од двете шанси да добие согласност од шпанскиот Парламент за формирање левичарска коалициска влада.

Санчез ќе има втора можност во вторник да добие поддршка за формирање влада на неговите социјалисти и левичарската партија „Обединети можеме“, прва коалициска влада во Шпанија по смртта на диктаторот генерал Франциско Франко во 1975 година.

Како што се очекуваше, Санчез денеска освои 166 гласови, а за потребното мнозинство му требаа 176.

Санчез доби поддршка од неговите 120 пратеници на Шпанската социјалистичка работничка партија и 35 пратеници од левичарската партија, како и неколку од помали левичарски и регионални партии.

Пратениците од трите најголеми десничарски партии и другите помали партии обезбедија 165 гласови против, додека 18 пратеници беа воздржани, а еден не гласаше.

Санчез ја предводи техничката влада помалку од една година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.