Шпанскиот премиер, Педро Санчез, синоќа обезбеди доволно гласови за да ја продолжи вонредната состојба уште две недели, дозволувајќи ѝ на владата, која полека ги олеснува мерките за изолација, да продолжи да го контролира движењето на луѓето.
„За“ продолжување на вонредната состојба, кое започнува во недела, гласале 178 пратеници, 75 биле против, додека 97 воздржани.
Во последните 24 часа во Шпанија, која е една од најпогодените земји во Европа од коронавирусот, се пријавени 244 смртни случаи, далеку помалку од скоро 1.000 починати на ден на почетокот на април, но строгите мерки катастрофално влијаат врз економијата и резултираа со големи загуби, а илјадници луѓе останаа без работа.
Тензиите во парламентот околу излезот од карантинот покажаа колку голем политички јаз има во земјата во која се одржаа четири изборни процеси во четири години и каде владата треба да работи напорно за да добие каква било поддршка.
Укинувањето на вонредната состојба би било непростлива грешка – рече Санчез пред парламентот, потсетувајќи дека благодарение на владината уредба за вонредната состојба, издвоени се милијарди евра за да им се помогне на компаниите и поединците погодени од кризата.
Преку четири фази, владата има намера да ја доведе Шпанија во „новата нормална ситуација“ на крајот на јуни.
Со 220.325 заразени лица, Шпанија е земја со најголем број случаи во Европа, но минатата недела стапката на ширење на инфекцијата се намали. Досега починаа 25.860 луѓе, а излекувани се 126.000. Од вирусот заболеле 44.000 здравствени работници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.