Шпанија денеска го презема од Шведска ротирачкото претседавање со Советот на Евопската унија.

Новото шпанско претседателство соопшти дека првата нивна активност е посетата на премиерот Педро Санчез на Киев за да се покаже поддршката на ЕУ за Украина во сите области: воена, хуманитарен и економски.

Еден од приоритетите на шпанското претседавање, кој завршува на 31 декември, ќе биде да се зајакне заложбата за стабилизација, закрепнување и реконструкција во Украина.

– Војната во Украина ќе биде еден од главните приоритети на нашето претседателство, со фокус на гарантирање единство меѓу сите земји-членки, изјави Санчез пред заминувањето за Киев.

Со шпанското претседателство започнува да функционира и новата претседателска тројка, вклучувајќи ја Белгија која ќе претседава во првата половина и Унгарија во втората половина на следната година.

Тројката дефинира долгорочни цели и подготвува заедничка програма со која се дефинираат темите и главните прашања со кои Советот ќе се занимава во период од 18 месеци.

Ова е петто претседавање со Шпанија, која стана членка на ЕУ во 1986 година.

Таа за прв пат претседаваше во 1989 година, потоа во 1995, 2002 и 2010 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.