Германскиот министер за здравство Јенс Шпан предупреди дека брзото зголемување на бројот на новозаразени укажува дека веројатно до крајот на зимата ќе бидат заразени сите во земјата кои не биле вакцинирани.Официјалните податоци за изминатите 24 часа во Германија покажуваат повеќе од 30.000 новопотврдени случаи, што е зголемување за околу 50 отсто во споредба со пред една недела, пренесува АП.
Германските болници предупредија дека објектите за интензивна нега се речиси исцрпени, а некои пациенти мора да бидат префрлени во други оддалечени клиники.
Шпан ги повика Германците да се вакцинираат, вклучително и да добијат дополнителна доза од вакцината, доколку биле вакцинирани со првите две дози пред повеќе од шест месеци, со цел да се намали ризикот од сериозни болести.
До крајот на оваа зима, речиси сите во Германија ќе бидат вакцинирани, опоравени или умрени, изјави Шпан пред новинарите во Берлин.
Тој призна дека некои го опишале овој став како циничен.
Но, тоа е точно. Со многу заразна делта варијанта, тоа е многу, многу веројатно и затоа препорачуваме вакцинација што е можно поскоро, рече министерот.
Тој, исто така, се обиде да ја ублажи загриженоста дека Германија е без вакцини од „Бионтек“ и „Фајзер“, велејќи дека има доволно дополнителни дози од вакцината на „Модерна“ за да се задоволи побарувачката во остатокот од годината, пренесува „Ројтерс“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.