Шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебреијус, предупреди дека светот се наоѓа во многу опасен период од пандемијата на корона вирусот, со оглед на тоа што во речиси 100 земји е идентификувана позаразната делта варијанта на вирусот.
Тедрос на редовната прес-конференција на СЗО изјави дека делта варијантата, која за првпат се појави во Индија, продолжува да се развива и мутира и станува доминантен вид на корона вирусот во многу земји.
Веќе ги повикав лидерите ширум светот да обезбедат во ова време следната година речиси 70 отсто од сите луѓе, во сите земји, да бидат вакцинирани – изјави Тедрос, додавајќи дека со тоа ефикасно ќе заврши акутната фаза на пандемијата.
Директорот на СЗО посочи дека три милијарди дози од вакцините против Ковид-19 се веќе распределени и дека во колективната моќ на неколку земји е да ја зајакнат и обезбедат дистрибуција на вакцините.
Досега само помалку од два проценти од вакцините се дадени на посиромашните земји.
Иако богатите земји, вклучувајќи ги Велика Британија, САД, Франција и Канада, ветија дека ќе донираат една милијарда вакцини против Ковид-19, СЗО проценува дека се потребни 11 милијарди дози за да се имунизира светот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.