Северна Кореја, која долго време опстојува на ставот дека нема проблем со корона-вирус, па дури станува и бесна од јавната понуда за помош од Стејт Департментот, според пишувања на медиумите, веќе го регистрирала првиот случај, а пациентот, наводно, наместо да се лекува, по наредба на Врховниот лидер Ким Јонг Ун бил егзекутиран.

Ваквата вест, што ја презедоа и повеќе светски медиуми, првично се објави на Твитер налогот „Сикрет Пекинг“ (Secret Beijing), анонимен аналитичар на кинеските работи, според кој лицето заболено со корона-вирус било застрелано. Сепак, се додава, дека приказната сè уште се развива и дека засега нема јасни детали за овој случај. Притоа во текстот се коментира дека таквите брутални тактики се својствени за угледот на режимот во Пјонгјанг.

Овие наводи ги цитира и американското онлајн издание „ИБТ“ (International Bussines Times) кој потенцира дека овој Твитер налог има историја на точно известување. Уште пред неколку недели се појавија шпекулации дека еден од првите пациенти со корона-вирус во земјата бил брутално убиен од режимот, откако избегал од незамисливо бруталниот карантин. Покрај тоа, според гласиштата, тој бил погубен со традиционалната казна во Северна Кореја за криминалци – стрелање со противвоздушна пушка.

Официјален Пјонгјанг, наводно, ја известил СЗО дека се спроведени тестови врз 141 сомнителен случај на корона-вирус во земјата и дека сите биле негативни.