Северна Кореја апелираше до своите 1,2 милиони војници обединети да застанат зад својот лидер Ким Џонг Ун и „да го бранат со сопствените животи“, откако земјата прослави десет години од стапувањето на Ким на позицијата врховен командант на војската.
Годишнината е во исто време со повеќедневната политичка конференција на Северна Кореја на која се очекува властите да разгледаат како да се соочат со тешкотиите кои ги донесе пандемијата на ковид 19, како и дипломатијата со САД.
Како што пренесува Еј-би-си, во подолгиот вовед во весникот Родонг синмун се наведува дека воените команданти и војниците на Северна Кореја мора да станат „неосвоива тврдина и непробојни ѕидови во посветената одбрана на Ким со своите животи“.
Во него се апелира и на изградба на помодернизирана, понапредна војска која ќе служи како „сигурен чувар на нашата држава и народот“. Се додава дека сите војници и граѓани на Северна Кореја мора да го поддржат раководството на Ким за да се воспостави моќна социјалистичка земја.
Северна Кореја претходно објави слични пропагандни пораки со кои апелираше до граѓаните да се обединат зад Ким во тешките времиња. Одделни аналитичари тврдат дека Ким Џонг Ун се соочува со најтешкиот период на своето десетгодишно владеење поради пандемијата на коронавирусот, санкциите на ОН и лошото управување.
Тој во понеделникот ја отвори пленарната седница на Централниот комитет на владејачката Работничка партија за да се разгледаат претходните проекти и да се утврди главната политика за следната година. На дводневниот настан Ким претставил неодредени стратегии за руралниот развој на земјата додека учесниците разговарале за буџетот за следната година и други прашања.
Аналитичарите сметаат дека Северна Кореја најверојатно на крајот на пленарната седница за која се очекува да се одржи подоцна ќе претстави кои се ставовите на Ким за односите со Вашингтон и Сеул, „мртвата точка“ во нуклеарната дипломатија и економските тешкотии.
И покрај актуелните проблеми, малкумина ја доведуваат во прашање позицијата на Ким на власта. Првата висока функција на која стапи Ким по смртта на неговиот татко Ким Џонг Ил во 2011 беше врховен командант на Корејската народна армија. Актуелниот лидер во моментов е на повеќе високи позиции, како генерален секретар на Работничката партија и претседавач на Комисијата за државни работи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.