Ким Јо-џонг, сестрата на севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун, предупреди дека Јужна Кореја и САД ќе се соочат со поголеми безбедносни закани, поради продолжувањето на нивните годишни заеднички воени вежби, кои почнуваат оваа недела.

САД и Јужна Кореја ќе се соочат со посериозна безбедносна закана, бидејќи ги игнорираат нашите постојани предупредувања околу нивниот напредок кон опасни воени вежби – порачува Ким Јо-Џонг, јави севернокорејската агенција КЦНА.

Таа нагласила дека маневрите се непожелна, самоуништувачка акција која го загрозува севернокорејскиот народ и ги зголемува тензиите на Корејскиот полуостров. Јо-Џонг ја обвини Јужна Кореја за предавничко однесување бидејќи почнаву со маневри набрзо откако повторно беше воспоставена телефонската линија меѓу Пјонгјанг и Сеул во обид да се намалат тензиите.

Севернокорејската висока претставничка најави дека Пјонгјанг ќе ги засили своите активности за апсолутно одвраќање на сите закани, вклучително и оние со силни превентивни способности, со цел да се спротивстави на растечката американска воена закана.

Јужна Кореја и САД, кои во таа земја имаат околу 28.500 војници, денеска ја почнаа прелиминарна вежба која е вовед во поголеми вежби, закажани за следната недела.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.